Објавено на 13 Јули, 2017 во Вести, UEFA Super Cup
Трофеј турата со највредните фудбалски пехари - Лига на Шампионите, Европска лига и Супер Куп на УЕФА од 1. август ја започнува својата турнеја низ девет градови во Македонија. До 8. Август легендарните трофеи на УЕФА ќе бидат изложени во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Штип, Куманово и Скопје.
Во пресрет на најголемиот спортски настан во историјата на Македонија, финалето на Европскиот Супер Куп меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, фудбалските фанови во Македонија ќе имаат прилика да се сликаат со трофеите и да го тестираат своето фудбалско знаење со учество во различни игри и на тој начин да освојат и симболични награди.
Покрај мултимедијалната изложба во соработка со официјалните спонзори на УЕФА Супер Куп – Скопје 2017 ќе бидат огранизирани фудбалски натпревари меѓу најмладите фанови на мини терени поставени во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Штип, Куманово и Скопје.
На 1. август трите трофеи ќе бидат изложени во Тетово од 09.00 до 11.00 часот, а истиот ден можност да се фотографираат со пехарите од Лига на Шампиони, Европската лига и Супер Куп на УЕФА ќе имаат граѓаните на Охрид, како и туристите кои ќе бидат во посета на градот.
На 2. август, големиот македонски празник Илинден, трофеите ќе бидат во Битола од 10.00 до 12.00 часот и во Прилеп од 18.00 до 20.00 часот.
На 3. август во Неготино од 10.00 до 12.00 часот и во Струмица од 18.00 до 20.00 часот.
На 4. август во Штип од 10.00 до 12.00 часот и во Куманово од 18.00 до 20.00 часот.
На плоштадот „Македонија“ во Скопје, големите трофеи на УЕФА ќе бидат изложени на 7. (11.00 до 19.00) и 8. август од 11.00 до 16.00 часот.