Објавено на 05 Јули, 2025 во Вести
Пред “Куќа” на фудбалот, во присуство на судиите, ВАР проектниот тим, replay операторите и едукаторите од ФИФА, свечено беа доделени сертификатите за првата генерација ВАР судии во Македонија.
Процесот траеше повеќе месеци, со интензивни обуки, практична работа и симулации, а кулминираше со серија тест натпревари со реална примена на ВАР системот.
Со поздравни зборови се обратија Дејан Јакимовски, проект лидер за имплементирање на ВАР систем и генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски.
“Ова не е само административен процес, туку резултат на месеци напорна работа и вистинска посветеност. Сакам да изразам голема благодарност до сите кои беа дел од овој процес, пред сè до нашите судии, кои прифатија нов предизвик и покажаа дека сме подготвени за следното ниво.
Искрена благодарност до инструкторите од ФИФА за нивната стручност и несебичност, како и до нашите партнери, операторите кои беа клучни во техничката поддршка за функционирањето на ВАР системот.
Голема благодарност и до Македонската радио телевизија за нивната техничка поддршка и координација, како и до судиската организација на ФФМ, која даде голем придонес во целиот процес и ја водеше работата на терен. И, секако, до претседателот на ФФМ кој уште од самиот почеток стоеше зад проектот и даде целосна поддршка за да стигнеме до тука.
Не доделуваме само сертификати, туку градиме доверба во системот и правиме голем чекор напред за нашиот фудбал”, истакна во своето обраќање генералниот секретар на ФФМ.
Симболично, сертификатите им беа врачени од фудбалските великани Горан Пандев, Илија Најдоски, Агим Ибраими и Ѓорги Христов.