Репрезентација до 18 години: Втора победа против Азербејџан

Објавено на 03 Јуни, 2016 во Вести, До 19 год


Репрезентацијата на Македонија до 18 години издвојува победа со 2:1 над врсниците од Азербејџан во рамки на вториот контролен натпревар одигран меѓу двете селекции на тренинг центарот „Петар Милошевски".

Противникот подобро влезе во натпреварот и рано во деветата минута поведе со 1:0. Фарид Набијев одлично ја искористи грешката на нашата одбрана и погоди за водство на својата селекција. Во продолжението од мечот, нашите млади фудбалери ги консолидираа своите редови и играа се подобро. Во добри можности за постигнување погодок се најдоа Емил Абаз и Милан Ристовски. Во 39. минута избраниците на селекторот Јетон Несими конечно го скршија отпорот на незгодниот противник. Најдобриот поединец во нашиот состав, Емил Абаз го совлада противничкиот голман за израмнување на резултатот. До крајот на првите 45 минути, Елиф Елмас не искоритсти прекрасна прилика, откако биеше одлично со глава, но неговиот удар ја погоди пречката од голот.

На почетокот на вториот дел брз погодок за младата репрезентација на Македонија. Во 52. минута, Емил Абаз нафрли од позиција на скратен корнер, а Елиф Елмас биеше со глава, овој пат прецизно за предност од 2:1.

До крајот на средбата, видовме по неколку добри можности за двете селекции. Во последните десетина минути од средбата нашиот голман Ристе Јанков заработи директен црвен картон, откако собори еден од противничките фудбалери. Сепак предноста од играч повеќе, Азербејџан не успеа да ја искористи. На крајот, Македонија - Азербеџан 2:1.

Репрезентации до 18 години, контролен натпревар

МАКЕДОНИЈА - АЗЕРБЕЈЏАН 2:1 (1:1)

(1:0 Фарид Набијев 9`; 1:1 Емил Абаз 39`; 2:1 Елиф Елмас 52`)

Македонија: 1.Ристо Јанков, 5.Нехар Садики, 7.Емил Абаз (Марио Крстовски), 8.Елиф Елмас, 9.Милан Ристовски (Дарко Додевски), 10.Давор Здравковски, 13.Ване Јованов (Виктор Стојковски), 14.Филип Михаилов (Аљбан Сулејмани), 15.Агон Хани (Михаил Маневски), 16.Антонио Митрев (Есмин Личина), 17.Шефит Шефити;
Селектор: Јетон Несими

 



   
   
А репрезентација