Прес конференција на Милевски и Димитриевски пред Англија

Објавено на 19 Ноември, 2023 во Вести, Вести


Во пресрет на утрешниот  квалификациски натпревар против селекцијата на Англија во Скопје, селекторот Благоја Милевски и репрезентативниот голман Столе Димитриевски, ги споделија своите очекувања.

Благоја Милевски – селектор на македонската репрезентација:

-Веќе направивме доста измени и во составот и во начинот на функционирање по дуелот во Манчестер. Веќе имаме нова физиономија на тимот, со доста млади играчи, со добра перспектива според она што го гледаме во последните пет натпревари.

 -Нормално е да имаме осцилации со млад тим, ама тоа мора да се мине. Овие натпревари се одлична шанса, да ги споредите своите можности со најдобрите во Европа и светот. Свесни сме дека проблемот со темпото ни е актуелен веќе со месеци наназад. Ростерот е тој, играчите имаат доста проблеми во своите клубови, ама тука не можеме да помогнеме. Ќе мора да се надеваме дека ситуациите ќе им се променат, за да бидеме што поконкурентни барем на физички план против вакви противници.

-Примивме многу голови во овие квалификации и треба да работиме на тоа. Можеме во иднина само да се подобруваме и да напредуваме. Верувам во потенцијалот на оваа генерацја, утре не очекува еден голем меч, вистински спектакл и се надевам дека че уживаме и ќе одиграме добар натпревар.

Столе Димитриевски:

-Одигравме навистина многу тежок натпревар со Англија на Олд Трафорд. Резултатот не беше реален со оглед на нашиот квалитет, но тоа е фудбал, се случуваат и такви работи. Научивме многу од тој натпревар, ни следни нов, на кој треба да покажеме и докажеме дека тоа не беше вистинската слика за нас

-Играме пред нашата публика, треба да го дадеме максимумот, да одиграме одличен натпревар и да се покажеме во вистинско светло.

-Сепак, ние сме една репрезентација која има доста нови играчи, во дефанзивата и сите редови. Потребно е време за да се запознаеме и ускладиме, да одиграме заедно натпревари, тоа е факт. Мора многу подобро да работиме, цел тим во дефанзива, не само јас или одбраната. Треба да сме пофокусирани бидејќи примаме доста голови поради ситни детали кои се пресудни. По овој натпревар ни следат четири пријателски, за да се подготвиме за Лигата на нациите.
















   
   
А репрезентација