Објавено на 25 Октомври, 2018 во Вести, Семинари
Центарот за Едукација на Фудбалската федерација на Македонија во периодот од 15. до 21. октомври 2018. во спортскиот комплекс на хотел „Истатов“ го организираше 24-тиот курс за добивање на УЕФА Б тренерска диплома. Учевство земаа 48 кандидати, а меѓу нив беа и истакнатите наши поранешни фудбалери и репрезентативци Ванчо Трајанов, Бобан Грнчаров, Филип Ивановски, Минас Османи, Баже Илијоски, Ерсен Сали, Дејан Костуранов, Димитрија Лазаревски, Муарем Муарем.
На УЕФА Б курс во Дојран, Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од УЕФА помогна и 13 жени кандидати кои изразија желба и мотивираност да се здобијат со тренерска диплома. Оваа акција е дел од УЕФА/ФФМ проектот за развој на женскиот фудбал во делот на поголема стручност на тренерски кадри кои потоа под водство на свој ментор ќе се вклучат во тренинг процесот во женскиот фудбал.
По комплетирање на обврските на овие 13 кандидатки, бројот на женски тренери во Македонија ќе биде 32 и со тоа се зголемува и конкурентноста во тренерската струка.