Официјално отворено игралиштето со вештачка трева во Струмица

Објавено на 11 Април, 2015 во Вести

На 10 април и официјално беше отворено игралитето со вештачка трева кое е изградено со средства од ФФМ, преку Хет Трик програмата на УЕФА и општина Струмица.

Во присуство на Генералниот Секретар на ФФМ, Филип Поповски и градоначалникот на Струмица, Зоран Заев пред пошироката фудбалска јавност од Струмица денес свечено беше пуштено во употреба игралиштето со вештачка трева - донација од ФФМ како дел од хет трик проектот на УЕФА преку кој се поставени игралишта со вештачка трева во десет општини во Македонија.

Градоначалникот Заев истакна дека е среќен што и Струмица е дел од овој важен проект и дека во целост ќе биде исполнета обврската од страна на општината за финализирање на втората фаза од оваа заедничка инвестиција, која подразбира финализирање на трибина за 200 гледачи како и соблекувални и службени простории.

 - Струмица секогаш била фудбалски град. Оттука излегле многу фудбалски ѕвезди на интернационално ниво. Иако во моментов фудбалот во Струмица доживува стагнација, се надеваме дека токму ваквите проекти и инвестиции ќе придонесат за развојот на млади фудбалери кои во иднина ќе го предводат македонскиот репрезентативен фудбал - истакна градоначалникот Зоран Заев пред да го прогласи игралиштето за отворено.

- Фудбалската Федерација на Македонија со искористување на средствата од Хет Трик 4 проектот интензивно работи на подобрување на фудбалската инфраструктура, и со тоа ја потврдува својата заложба за создавање на услови за развој на фудбалот на сите нивоа и во сите региони на Македонија. Само со посветена и темелна работа во сите сфери на фудбалската игра може да се очекуваат резултати на највисоко ниво - истакна Генералниот Секретар на ФФМ, Филип Поповски.





   
   
А репрезентација