Официјален тренинг на Македонија до 19 години пред дуелот со Украина

Објавено на 19 Март, 2024 во Вести, До 19 год


Младата репрезентација на Македонија до 19 години утре го започнува походот за пласман на Европско првенство кое следната година ќе се одржи од 15 до 25 јули во Северна Ирска. Нашите млади фудбалери во првото коло од групата 7 во рамките на мини квалификацискиот турнир, на домашен терен ќе се соочат со силната селекција на Украина. 

Избраниците на селекторот Тони Јакимовски денеска го одработија официјалниот тренинг пред утрешниот натпревар со Украина.

Тони Јакимовски, селектор на Македонија до 19 години;

-Мислам дека можеме да го повториме успехот, подготвени сме да одговориме на предизвикот. Се соочуваме со проблеми околу повредени фудбалери. Нема да можеме да сметаме ниту на Елмас за овој турнир. Што се однесува до Даниел Марковски, тој е под знак прашање. Ќе се обидеме да направиме се што е во наша моќ за да го оспособиме за утрешниот натпревар.

Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата, нешто што не красеше и на квалификацискиот турнир во Полска. Желбата и мотивацијата кај фудбалерите се на едно највисоко ниво. Иако групата на прв поглед е неатрактивна, меѓутоа е многу силна. Се надевам дека ќе одиграме тимски и ќе дадеме се од себе. Верувам во успех.

Мартин Ѓоргиевски, капитен на Македонија до 19 години;

-Свесни сме за приликата која ни се укажува, а тоа е можност за пласман на Европско првенство. Не знам дали некогаш повторно би имале прилика да се бориме за нешто толку големо и значајно за Македонија. Се подготвуваме, денеска го имаме последниот тренинг пред утрешниот меч. Знаеме дека не очекува тежок натпревар против Украина, но ние сме подготвени, со нетрпение го очекуваме утрешниот меч и се надевам дека ќе оствариме позитивен резултат.

Адриан Зенделовски, фудбалер на Македонија до 19 години;

-Имаме навистина силен тим, веруваме многу во нас и тоа ќе го покажеме на претстојните натпревари. Ја остваривме целта на квалификацискиот турнир во Полска за пласман во Елитната фаза, сега ни преостанува да се обидеме да одиграме уште еден добар меч и да се избориме за пласман на Европско првенство.

Во вториот меч од групата 7 во рамките на мини квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство играат селекциите на Швајцарија и Летонија.










   
   
А репрезентација