Нафиу и Николов: Се трудиме да оставиме добар впечаток

Објавено на 09 Септември, 2014 во До 21 год

Бобан Николов и Валмир Нафиу нашите репрезентативци од младата репрезентација до 21. година се сметаат за иднина на македонскиот фудбал.

Штипјанецот Николов (20) е фудбалер во романскиот прволигаш Виторул Констанца, кариерата ја започна во Брегалница, а фудбалската едукација ја доби во една од најдобрите академии во Романија, академијата на славниот фудбалер Героги Хаџи. Две години беше дел од академијата на Хаџи, а денес е дел и стандарден првотимец на Констанца.  

Николов е во составот на македонската репрезентација за натпреварот од квалификациите за ЕП во Чешка кој денеска го играме против Израел во Ларнака, Кипар.

-Впечатоците од репрезентативниот собир се одлични, подготовките ги одработуваме на професионален начин благодарение и на условите кои федерацијата ги овозможува за нашата селекција. Сите со нетрпение го очекуваме натпреварот, ќе се трудиме да оставиме добар впечаток. Нашата генерација е нова, со многу млади фудбалери и мислам дека во следните квалификации ќе го потврдиме квалитетот, вели Николов.

Многу од играчите кои денеска се во составот на младата репрезентација биле во помладите селекции до 19. и 17. години. За нас е многу важна поддршката која си ја даваме еден на друг и поттикот кој го добиваме од родителите, пријателите, луѓето од федерацијата и тренерите. Во тимот има одлична атмосфера, се надевам дека тоа ќе го пренесеме и на теренот со цел да оствариме позитивни резултати, додава Николов.

Младиот штипјанец вели дека треба да се следи примерот на Новески, Пандев, Ибраими кои потврдиле дека со многу работа и пожртвуваност може да се стигне до врвни резултати.

-Од Новески, Пандев или Ибраими може да се научи многу, тоа се фудбалерите кои оставиле белег во нашиот фудбал. Мојата цел е да го следам патот на играчите кои беа, а дел од нив сеуште се во А репрезентацијата и заеднички да се бориме кон остварување на победи. На клупски план, секако дека целта е да бидам на високо ниво во Констанца, а со многу работа во иднина да се надевам на трансфер во клуб кој е дел од европските топ лиги.

Валмир Нафиу ја започна својата кариера во тетовска Шкендија, потоа ги мина пробите во Ајакс и Базел, но се одлучи да премине во швајцарскиот клуб Базел. Во моментов е дел од Хамбург во Германија.

-Се радувам што сум дел од македонскиот репрезентативен состав. Впечатокот од подготовките е многу позитивен. Во тимот има млади фудбалери кои се трудат да напредуваат и да се наметнат кај селекторот, се надевам дека ќе бидеме сплотени и ќе одговориме на задачите од стручниот штаб. Поддршката од колегите во репрезентацијата е многу значајна за секој, јас сум благодарен што ме прифатија на вистински начин, вели Нафиу.

Натпреварот против Израел е последен во овие квалификации, нашата цел е да одиграме добро, да се бориме и надигруваме. Од овој состав ќе се очекуваат вистински резултати во следниот квалификациски циклус, одговорност имаме и сега, но во следните месеци таа ќе биде многу поголема. Се надевам дека сите ќе бидеме одговорни пред себе, тренерите и на крајот пред јавноста и дресот кој го носиме.




   
   
Актуелности

08.04.2024    Вести

Македонија до 14 години: Второ реми без голови против Турција

Неџат Шабани: Бевме подобар противник и заслуживме барам победа на еден од двата натпревари....

06.04.2024    Вести

Женската репрезентација до 19 години запиша нова победа

Селекцијата на Астрид Мерко славеше со 2:0 против Литванија....

Календар
А репрезентација