Милевски и Барди на прес конференција спроти утрешниот меч со Молдавија

Објавено на 21 Март, 2024 во Вести, Вести


Селекторот на македонската А репрезентација, Благоја Милевски и капитенот, Енис Барди на прес-конференција во тимската база во Анталија ги споделија своите очекувања спроти утрешниот контролен натпревар против Молдавија на стадионот „Мардан“. 

Благоја Милевски - селектор на Македонија: 

Секако дека можам да изразам задоволство од тоа што го видов овие три дена. За жал, Исник Алими, Ердон Даци и Стефан Ашковски нема да бидат дел од тимот на овие два натпревари. Останатите се подготвени да се стават во функција на тимот. За жал, имаме играчи кои воопшто немаат минутажа, но навиканите сме на тоа.

„Најважно ми е да се здрави и физички подготвени, останатото што го покажуваат на собир, момците без разлика на натпреварувачката форма секогаш го даваат максимумот за Македонија. И овојпат не е ништо различно, сите се подготвени да одговорат на тоа што се бара од нив. Ќе ги искористиме максимално овие дуели и тие во јуни за да пробаме нови тактички варијанти. Ќе ги пробаме некои играчи на нови позиции и ќе видиме како тоа ќе изгледа. Ќе ги искористиме натпреварите со Молдавија и Црна Гора да ги испробаме силите. Ќе дадеме минутажа на сите играчи, а ќе тестираме и нови варијанти.“

Енис Барди - капитен на македонската репрезентација: 

Мислам дека сите доаѓаме со коректна минутажа на овој собир. Гледам дека повеќето фудбалери играат доста и се редовни во своите клубови. Мислам дека натпреварувачката форма е на наша страна. Само да сме сконцентрирани, да покажаме желба и да се подготвиме за тоа што не чека од септември. Овие два натпревари ни се тест, да видиме до каде сме, за да ги поправиме грешките од некои претходни средби“.

„Можам да кажам дека сме подготвени за секоја улога што ќе ни ја даде селекторот. Свесни сме дека по долго време се собравме пак, гледам дека соиграчите едвај чекаа да се сме заедно. На ниту еден натпревар не ни е потребна екстра мотивација. Со самиот повик за репрезентацијата мора да сме мотивирани, да бидеме подобри и да даваме што е можно подобри перформанси. Овој натпревар е со ривал кој за малку не се пласира на ЕП, може многу да ни помогне за Лигата на нациите. Анализиравме и се подготвивме за Молдавците. Повеќе нема „пријателски“ натпревари, даваме максимум на секој дуел што го играме за Македонија“.

Натпреварот меѓу Македонија и Молдавија се игра на стадионот „Мардан“ во Анталија во 15:30 часот. Три дена подоцна не очекува дуел против Црна Гора.




   
   
А репрезентација