Милевски: Бевме цврсти, организирани и со желба да успееме

Објавено на 01 Април, 2015 во Вести, До 21 год

Македонската репрезентација до 21 година ја продолжи серијата позитивни резултати одигрувајќи нерешено 1:1 против Словенија на гостински терен во Цеље.

Нашата селекција претходно беше успешна во контролните натпревари против Романија и Црна Гора. Селекторот на репрезентацијата Благоја Милевски вели дека мораме да бидеме задоволни од прикажаното на последниот натпревар, посебно поради тоа што недостасуваа шестмина играчи и бевме принудени да менуваме и комбинираме нови играчи во тимот.

-Мораме да бидеме задоволни од прикажаното, бевме цврсти, добро организирани и со многу желба да одиграме добар натпревар и да оствариме позитивен резултат иако Словенија е многу подобро пласирана на УЕФА ранг листата. Поради разни причини бевме принудени да менуваме, во првите единаесет имавме дури шест промени и комплетно нов среден ред. Играчите потврдија дека имаат квалитет и потенцијал да одиграат добар натпревар, покажаа желба и карактер и ние како стручен штаб сме задоволни. Посебно добро функциониравме до 70. минута, потоа направивме неколку измени им дадовме шанса на играчите од клупа, целта беше и индивидуално да го видиме потенцијалот на фудбалерите. Посакуваме напредок на секој следен натпревар, само на тој начин можеме да успееме. Сега веројатно ја поставивме насоката по која ќе се движиме, а тоа значи дека мораме да бидеме еднакво добри и на квалификациските натпревари, изјави селекторот Благоја Милевски.

Македонската репрезентација под водство на Благоја Милевски на досегашните три натпревари нема пораз. Две победи против Романија и Црна Гора и нерешено против Словенија. Квалификациите за младинското Европско првенство ги започнуваме на 11 јуни, кога гостуваме кај Исланд.




   
   
А репрезентација