Македонија до 21 година продолжува со подготовките. Хамза Рамани: Победа над Ерменија и Малта за зголемување на самодовербата пред стартот на квалификациите

Објавено на 13 Јуни, 2023 во Вести, До 21 год


Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска ги продолжува подготовките за контролните натпревари против соодветните селекции на Ерменија и Малта.

Контролните натпревари против Ерменија и Малта ќе бидат последна проверка за избраниците на селекторот Драги Канатларовски пред почетокот на квалификациите за пласман на ЕП.

Квалитетниот играч од средниот ред на младата репрезентација на Македонија, Хамза Рамани даде свое видување и анализа за претстојните контролни натпревари, како и за самите квалификации што започнуваат во септември.

- Од контролните натпревари со Ерменија и Малта очекувам да одиграме квалитетно, борбено и да оствариме позитивен резултат, што ќе ни даде дополнителна мотивација и самодоверба пред почетокот на квалификациите во септември.

- Со нетрпение го очекувам стартот на квалификациите. Се надевам дека ќе успееме да одиграме добри квалификации и ќе оствариме добар пласман. Сакаме да го повториме успегот на генерацијата која се пласираше на Европско 2017 година. Мораме да бидеме максимално фокусирани на теренот, да се бориме за секоја топка, едноставно да дадеме се од себе. Само така можеме да се надеваме на позитивен резултат и одлични квалификации.

- Имам фантастичен однос со сите во репрезентацијата, од играчите до тренерот и стручниот тим. Има разбирање и соработка помеѓу нас играчите и стручниот штаб, владее одлична атмосфера во репрезентацијата, што е многу битно и клучно во борбата за висок пласман.

- Поседуваме квалитет и одлучност, но тоа ќе мора да го покажеме на теренот во натпреварите што следат. Се надевам дека со добрите игри ќе можеме во иднина јас и моите соиграчи да бидеме дел и од А репрезентацијата на Македонија.

Младата репрезентација на Македонија на 15. јуни, со почеток во 17. часот ќе ја одигра првата контролна средба против соодветната селекција на Ерменија. Пет дена подоцна на програмата е вториот контролен дуел, во истото време (17. часот) против репрезентацијата на Малта. Двата натпревари ќе бидат одиграни на тренинг центарот „Петар Милошевски", во Скопје.



   
   
А репрезентација