ЛИЦАТА СО ТЕЛЕСЕН ИНВАЛИДИТЕТ И ФУДБАЛОТ СО ЗДРУЖЕНИ СИЛИ ЗА ЈАКНЕЊЕ НА ПОБЕДНИЧКИОТ ДУХ

Објавено на 15 Мај, 2015 во Вести, Еднаквост

ФФМ ја зајакнува својата определба за поддршка и придонес кон подобро општество со проектот “Капитени на промени“

Проектот „Капитени на промени“ е иницијатива на УЕФА за креирање на еднакви можност за сите во фудбалскиот свет, без разлика на полот, религијата, националната припадност или физичките способности. Фудбалската Федерација на Македонија истиот го поддржува и ќе го имплементира во Македонијана повеќе нивоа, почнувајќи со подобрување на инфраструктурата на стадионите, едукација и активности во рамките на федерацијата и на сите клубови. Мисија на ФФМ е да привлече, чува и негува различности за одржување на фудбалската игра и радоста која ја носи овој спорт, на што еднакво право имаат сите.


„Проектот „Капитени на промени“ се залага за креирање на непречен пристап на лицата со инвалидитет на стадионите и спортските објекти во Македонија и нивна инклузија во општествениот живот. Фудбалот е спорт за сите и треба да е достапен за секого. Со модернизација на нашите стадиони ќе ги отвориме вратите на лицата со инвалидитет. Така ќе можат да ги следат натпреварите во живо и да бидат активни учесници. Истражувањата покажуваат дека различноста води кон просперитет и нашите заложби се што подобро да ги интегрираме маргинализираните групи во фудбалот и спортот воопшто“ - изјави Филип Поповски, Генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија. 

Во духот на целите на проектот, ФФМ уште во март оваа година, на натпреварот Македонија - Белорусија, покани лица со инвалидитет да ја поддржат нашата репрезентација на Националната арена „Филип Втори“. Најмладите од нив, заедно со репрезентациите на Македонија и на Белорусија, излегоа на теренот при интонирање на химните на двете држави.


“Ја поздравуваме иницијативата на ФФМ за интеграција на лицата со телесен инвалидитет кои имаат афинитет кон фудбалот. Со прилагодување на инфраструктурата, обележувањето на паркинг местата, премостување на висинските бариери на влезовите на стадионите, адаптирање на соодветен простор на трибините за следење на спортските настани за лица кои користат инвалидска количка, прилагодување на тоалетите во спортските објекти на прволигашите, ќе ни се обезбеди можност да го следиме фудбалот одблиску, но ќе можеме непречено да присуствуваме и на многу концерти, спекталки и настани што се случуваат во овие објекти. Лицата со телесен инвалидитет не се ниту болни, ниту неспособни и навистина сме пресреќни за оваа можност со која ќе можеме поактивно да живееме и подостоинствено да уживаме во следењето на фудбалот како глобален светски спектакл и најважна споредна работа во животот. ФФМ ги руши бариерите, како архитектонските така и бариерите на јавната свест, и оваа заложба е за секаков почит и поздравување“ - изјави Бранимир Јовановски, претседател на „Мобилност Македонија“ и златен параолимпиец во стрелаштво.

Во рамките на проектот, во петок, на 15 мај во просториите на ФФМ, се одржа фудбалски натпревар со вработените во ФФМ, како и предавање од страна Здружението на лицата со инвалидитет „Мобилност“, кои ги запознаа вработените во ФФМ за прецепцијата, стереотипите и предрасудите со кои се среќаваат, како и за можностите и перспективите за продлабочување на соработката.


„Ова не е револуција , ова се  мали почетнички  чекори  кои  водат кон развој и  подобрување на нашата отвореност кон различностите.Првичната намера на проектот беше ФФМ да обезбеди физички пристап  за лицата со инвалидност на стадионите во земјава, каде што сите ќе  можат да бидат  поканети.

Кога зборуваме за „Капитени на промени“ мора да ја нагласиме и подржувачката позиција на УЕФА во целокупниот проект. Од нив добиваме значаен дел од насоките и  алатките  со цел да се  зајакнат нашите капацитети  за  правење промени.  Соработката со МОБИЛНОСТ  отвори нови врати на  меѓуинституционална, но и човечка соработка помеѓу нас и заедницата на луѓе со инвалидност во нашата земја. Стануваме свесни за нивните потреби, но и за нашите можности да одговориме на истите. 

Ова е приказна која допрва ќе се развива, но ние сме возбудени гледајќи како програмата станува жива, вели Ирена Бакревска-Милошевска, носител на проектот „Капитени на промени“ во Фудбалската федерација на Македонија.

Лицата со телесен инвалидитет и вработените од ФФМ одиграа и пријателски натпревар на еден од терените на Федерацијата, подоцна уживаа во заедничката дружба. 





   
   
А репрезентација