ФФМ доби нови средства од УЕФА за фудбалска инфраструктура, финансиската контрола ја потврди добрата работа на ФФМ

Објавено на 18 Јули, 2018 во Вести


Фудбалската федерација на Македонија ќе добие нови, вонредни средства од УЕФА во висина од еден милион евра за подобрување на фудбалската инфраструктура во Македонија. На денешната прес - конференција за укажаната доверба од УЕФА и за новите проекти од стратешкиот план на федерацијата говореше генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.

-Во изминатиот период еден од главните приоритети на нашата федерација согласно стратешкиот план беше вложувањето во фудбалската инфраструктура. Реализацијата на низа проекти, започнувајќи од „Куќа на фудбалот“ и тренинг центарот „Петар Милошевски“, преку десетте терени со вештачка трева и поставување целосно нова тревна подлога и осветлување на пет стадиони во државата, па до комплетна изградба и опремување на капацитетите за Академијата на ФФМ. Постигнатото ни дава за право да веруваме дека можеме да одиме чекор повеќе во создавањето квалитетна спортска инфраструктура.

Фудбалската федерација на Македонија веројатно е единствената спортска институција во нашата држава која на таков начин, со средства од свои и извори од меѓународните фудбалски институции, ги реализира своите проекти и никогаш нема да се измориме од тоа! Од давањето поддршка, материјална и секаква друга во сите спортски средини во Македонија.

Денеска официјално можеме да потврдиме дека ФФМ со помош на УЕФА е способна институција да ги поддржи важните идни проекти во нашиот фудбал, од изградбата на инфраструктура до работа со млади категории, кои се во нашиот фокус и согласно стратешкиот план на федерацијата.

Со гордост можам да најавам е дека благодарение на реализираните проекти, УЕФА ни доделува нови, вонредни средства од „Хет Трик“ програмата во висина од еден милион евра, изјави Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.

Задоволство од досегашната соработка и од начинот на кој досега ФФМ ги реализираше проектите од „Хет Трик“ програмата на УЕФА преку писмена изјава изрази и високиот претставник на УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на одделот на Национални асоцијации на УЕФА.

Со задоволство можеме да потврдиме дека Фудбалската федерација на Македонија добива вонредни средства во висина од еден милион евра од „Хет-трик“ програмата на УЕФА за подобрување на фудбалската инфраструктура ширум Македонија. Комитетот на УЕФА за „хет-трик“ програма ги одобри овие вонредни средства затоа што сметаме дека вложувањето во инфраструктурата е неопходно и многу важно за развој на фудбалот, а предуслов за тоа се два битни принципи – реализација на претходните проекти од оваа програма и транспарентно и отчетно трошење на средствата. Ова е голема заслуга и на вашиот претседател, не само затоа што Илчо е голем профеционалец, туку затоа што секогаш се бори и се труди да обезбеди подобри услови за напредок на македонскиот фудбал. Ве повикувам и во иднина да бидете исто толку посветени и да вложувате во развој на фудбалот како што тоа го правевте во изминатиот период“.

Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски потенцираше дека и новите средства федерацијата ќе ги искористи за подобрување на инфраструктурата на стадионите, а една од можностите со новиот „Хет Трик“ е доизградба на главниот стадион на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

-И овие, како и добиените средства од минатите „Хет-трик“ програми на УЕФА, како Федерација ќе ги насочиме кон подобрување на фудбалската инфраструктура, а со новиот „Хет-Трик 5“ една од можностите е комплетна доградба на главниот стадион во комплексот „Петар Милошевски“ и можноста да создадеме услови и нашата А репрезентација да игра дел од натпреварите на стадион во нашиот комлекс.

Ние сме благодарни што УЕФА одново ја препозна нашата желба и подготвеност да реализираме нови проекти и убеден сум дека повторно ќе ја оправдаме довербата која е многу значајна не само за ФФМ, туку и за националните селекции, клубовите во Македонија, Академијата и тренерската струка, изјави Поповски, најавувајќи нов проект за едукација на нашите тренери од програмата Еразмус +, во која ќе бидат вклучени 20 наши тренери со обуки во ПАОК, Матерзбург и Пескара.

идејќи ние сме одговорни за едукација на нашите тренери кои работат во сите сфери на фудбалската игра со задоволство можам да најавам нов проект од програмата на Еразмус +. Нашата федерација заедно со Македонската асоцијација за човечки реурси ќе биде организатор на завршна обука за 20 наши тренери кои претходно ќе имаат и теоретски и практични обуки со колеги од четири земји, и од клубови како ПАОК, Матерзбург и Пескара. Станува збор за четири дневен едукациски дел кој ќе заврши со голема конференција на која ќе поканиме звучни имиња од академскиот свет, како и тренерски имиња кои се занимаваат со оваа проблематика.

Ова е еден вид дополнување на активностите кои Фудбалската федерација ги реализира, а кога е во прашање едукацијата на тренерскиот кадар и младинскиот фудбал. Најдобра потврда за тоа е неодамна завршениот финален турнир од проектот за „Училишен фудбал“.

Проект за „Училишен фудбал“ исто така е поддржан од УЕФА, a ФФМ е само една од шесте национални федерации чии апликации и проекти беа одобрени и поддржани за пилот фазата која опфаќа период од три години, односно 2017-2020 година. Во првата фаза се вклучија 11 градови од нашата држава, или 44 општински училишта. Во одиграните 950 училишни натпревари учествуваа повеќе од пет илјади ученици, меѓу кои повеќе од илјада девојчиња на 475 настани. Следната сезона започнувајќи од месец септември – ноември 2018. како и март – мај 2019. предвидени се најмалку 20 општини, 85 училишта и 10 000 деца кои активно ќе играат на овие турнири.

Генералниот секретар на ФФМ на крајот од денешното излагање пред медиумите ја потврди добрата соработка која федерацијата ја има со меѓународните фудбалски институции, но и ја потенцираше соработката со државните органи и контролата која беше извршена во ФФМ, а се однесуваше на финансиското работење на федерацијата.

-Сакам да истакнам дека сме горди на тоа што создадовме добра структура и силна федерација, што се моќни токму во сегментот од соработката со УЕФА и ФИФА околу финансиската помош и поддршката која ја добиваме. Така и ќе биде се додека се почитуваат правилата, се работи транспарентно и отчетно. Тоа и во иднина ќе го правиме бидејќи Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе ги почитува институциите на државата. Финансиската контрола од Управата за јавни приходи во изминатите месеци изврши контрола на делувањето на ФФМ и ја потврди нашата добра работа. Истото секоја година го прават и УЕФА и ФИФА во нивните ревизорски извештаи. И треба да бидеме горди на тоа.

На крајот, лани на 8. Август сите бевме на најголемиот спектакл во историјата на македонскиот спорт, Супер Купот меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. На истиот датум оваа година, Ве поканувам сите заедно да им посакаме добредојде на новите членови од Академијата на ФФМ кој за прв пат ќе се сместат во новиот фудбалски дом, сместувачки капацитет за Академијата на ФФМ и младите национални селекции, изјави Филип Поповски.



   
   
Актуелности
Календар

26 Окт

14:30 Македонија - Фарски Острови
    У17 квалификации за Европско
14:30 Израел - Шпанија
    У17 квалификации за Европско

16 Ное

20:45 Лихтенштајн - Македонија
    УЕФА Лига на Нации

19 Ное

20:45 Македонија - Гибралтар
    УЕФА Лига на Нации
А репрезентација