Благоја Милевски: Сите со нетрпение го очекуваме натпреварот, тоа покажува тимски дух

Објавено на 09 Јуни, 2015 во Вести, До 21 год

Македонската репрезентација до 21 година денеска патува за Исланд каде на 11. јуни против домашната селекција ги отвора квалификациите за пласман на Европското првенство 2017 година.

Селекторот на нашата млада репрезентација, Благоја Милевски вели дека тимот е подготвен за предизвикот и покрај проблемите и откажувањата на четворица играчи поради повреди.

-  Главните подготовки ги одработивме од 3-ти до 8-ми јуни во Охрид, првата фаза ја реализиравме во Скопје со играчи кои порано завршија со клупските настапи, а нашата цел беше сите да останат во тренажен процес и натпреварувачка форма. За жал, поради повреди останавме без двајца влијателни играчи, Даниел Аврамовски и Енис Барди. Претходно, настапот поради повреда го откажаа Дени Илиев и Христијан Денковски, а Давид Бабунски иако имаше желба да се стави на располагање и во подготвителниот период не доби дозвола од неговиот тим поради првенствен натпревар со Барселона Б. Повредите се хендикеп за репрезентацијата, но нема да ни ја сменат концепцијата, нема да ни го наруши системот на игра кој го градевме и успешно спороведувавме на последните натпревари со Романија, Црна Гора и Словенија. Убеден сум дека играчите кои ќе истрчаат против Исланд ќе го дадат најдоброто од себе. Во подготвителниот период сите се однесуваа максимално професионално, тренираа посветено и со вистински пристап кон репрезентативниот дрес, а тоа ни дава надеж и верба дека ќе бидеме на високо ниво и на натпреварот против Исланд, вели Милевски.


Предводникот на репрезентацијата до 21 година вели дека е задоволен од придонесот на сите кои ги одработија подготовките, вели дека единствено колективната игра и играта за тимот може да ни донесе посакуван исход од пресметката против Исланд.

-Сите играчи сакаат да играат и се борат за своето место во тимот, со нетрпение го чекаат натпреварот. Тоа покажува каков е тимскиот дух во репрезентацијата. Сметам дека сме на вистински пат и се надевам дека нема да го менуваме правецот. Играчите сами го свртеа вниманието на јавноста со добрите игри на последните натпревари и се надевам дека ќе бидат еднакво квалитетни и на оваа важна пресметка.

Репрезентацијата на Исланд играше бараж за пласман на последното Европско првенство, а само благодарение на голот постигнат на гостински терен Данска успеа да се пласира на континенталниот собир на млади репрезентации.

-Исланд е цврста, агресивна, компактна и дисциплинирана репрезентација. Играме против селекција којазаслужува почит, но најважни сме ние. Ако бидеме организирани и се бориме во сите 90-ет минути, сметам дека не може да биде лошо. Ќе се обидеме да бидеме трпеливи, да создаваме прилики и се надевам дека ќе го видиме тоа што во изминатиот период го работевме, завршува Милевски.




   
   
А репрезентација