Започнаа подготовките за Белорусија, А репрезентацијата го одржа првиот тренинг

Објавено на 24 Март, 2015 во Вести, Вести


Македонија – Белорусија

Квалификации за Европско првенство 2016.

27. март. 2015. 20:45 часот

Скопје, Национална арена „Филип Втори“

Влезници во продажната мрежа на Mk Tickets: http://www.mktickets.mk/mkd-bel


Македонската А репрезентација денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски“ го одржа првиот тренинг во пресред на квалификацискиот натпревар против Белорусија на 27. март во Скопје. Здравствениот билтен не е идеален, поради повреда подготовките и натпреварот ги пропушта Марио Ѓуровски, а денеска стручниот штаб во репрезентацијата ќе добие официјална потврда за евентуалниот настап на Аријан Адеми од Динамо Загреб кој исто така има повреда. Еден од повратниците во националниот состав, Ферхан Хасани вели дека нашиот тим сериозно ќе се подготви за натпреварот, фудбалерот на дански Брондби се надева на победа на македонската репрезентација.

-Се радувам што повторно сум дел од репрезентацијата на Македонија, во последните неколку месеци имав проблем со повреди, но сега сум во ред, подготвен да му помогнам на тимот. Во следните неколку денови ќе се потрудиме на најдобар начин да ги одработиме подготовките и да ја анализираме играта на Белорусија. Сепак, сметам дека ние сме најважни, посветени сме на тимот, ги одработуваме задачите поставени од селекторот и се надеавам дека тоа позитивно ќе ни се врати на натпреварот во петок. Има неколку нови имиња во репрезентацијата, но важно е дека сите сме тука со иста цел, да помогнеме во остварување на целта, да забележиме победа против Белорусија, вели Хасани.

Еден од најискусните во тимот, дефанзивецот Ванче Шиков смета дека овој состав иако со многу промени, има квалитет да се надигрува и да се надева на победа против Белорусија.

-Секогаш е позитивно чувството кога ќе дојдеме дома на повик за репрезентацијата. Очекувам дека подготовките ќе минат во добра атмосфера и целосно фокусирани ќе го дочекаме натпреварот. Наша цел е да бидеме пред Луксембург и Белорусија во конечниот изглед на табелата, а тоа значи дека треба да бидеме подобри од белорусите во петок. Се надевам дека ќе го направиме тоа, ќе се бориме за победа, изјави Шиков.

Македонската репрезентација денеска во 16:00 часот повторно ќе има тренинг во центарот „Петар Милошевски“, до натпреварот играчите ќе одработат уште три тренинга. Официјалниот е во четвртот на Националаната арена „Филип Втори“ во 17:00 часот.



   
   
А репрезентација