Уефа развоен турнир за фудбалери до 16 години: Македонија го победи Таџикистан по подоброто изведување пенали

Објавено на 03 Мај, 2022 во Вести, До 17 год

Младата репрезентација на Македонија до 16 години денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски" го одигра првиот натпревар против Таџикистан, во рамки на првото коло од УЕФА развојниот турнир за фудбалери родени 2006 година што се одржува во Скопје.

Избраниците на селекторот Вујадин Станојковиќ во интересен натпревар, полн со возбудувања и отворена игра на двете страни одиграа нерешено 3:3 во регуларниот дел од средбата, а беа подобри по изведувањето на пенали со вкупен резултат 5:4.

Нашите млади фудбалери одлично го започнаа натпреварот. По првите 30. минути имавме предност од 2:0. Нуман Ајетовиќ во 5. минута го постигна првиот гол. На 2:0 зголеми Анес Мелиќи во 27. минута. До крајот на првите 45. минути, голем пад во нашата игра. Противникот тоа го искористи и во краток временски период успеа да постигне два гола и да го изедначи резултатот. Масрур Гафуров во 35. минута погоди за намалување на предноста, а резултатот го израмни Билол Бобоев во последната минута од првиот дел.

На самиот старт од продолжението, извонредна шанса за Македонија. Никола Манојлов пропушти голема можност за нова предност на Македонија. Казната стигна во следниот напад на селекцијата на Таџикистан. Невниманието во нашата одбрана и лошата комуникација помеѓу фудбалерите успеа да ја искористи Билол Бобоев и во 48. минута да го постигне својот втор погодок за предност од 3:2.

Македонија до крајот на средбата притискаше и напаѓаше по голот на противникот. Во 84. минута погодок за Македонија. Стефан Младеновски ги постави конечните 3:3 во регуларниот дел од средбата.

По изведувањето на пеналите, Македонија успеа да слави победа со вкупен резултат од 5:4.

УЕФА развоен турнир за фудбалери до 16 години, Скопје;

Македонија: Славе Вргов, Филип Митев, Андреј Велков, Анес Мелиќи, Никола Стојкоски, Никола Манојлов, Нуман Ајетовиќ, Максимилијан  Димитријески, Алмир Подграѓа, Мухамед Елмас, Алтин Алији;

Резерви: Спаско Ахтаров, Андреј Љубевски, Мартин Јовановиќ, Дарио Јакимовски, Фљакрон Мемиши, Валентин Блажески, Даниел Коцев, Стефан Младеновски;

Селектор: Вујадин Станојковиќ;

Во вториот натпревар од првото коло на Уефа развојниот турнир, силите ќе ги одмерат селекциите на Косово и Хондурас.

Во второто коло, Македонија ќе игра против Косово, на 5. мај на тренинг центарот „Петар Милошевски" со почеток од 16. часот.




   
   
А репрезентација