Спировски и Алиоски: Во овој тим има квалитет

Објавено на 29 Август, 2017 во Вести, Вести


Македонската А репрезентација ги одработува подготовките за квалификацискиот натпревар против Израел кој ќе го одиграме на гостински терен на 2. септември во Хаифа.

Репрезентативците Езџан Алиоски и Стефан Спировски ги пренесоа размислувањата за текот на подготовките и очекувањата од пресметката против Израел.

-Сите ќе бидеме подготвени, а се надевам дека ќе имаме и малку повеќе среќа. Атмосферата во тимот е одлична, ако ја пренесеме формата и ефикасноста од настапите на клупски план, мислам дека ќе биде позитивно за нас во Израел. Наша задача во овие неколку денови  е да го дадеме најдоброто од себе на тренинзите и да ги исполниме задачите кои ги бара од нас селекторот. За 90-те минути во Израел убеден сум дека секој што ќе добие шанса ќе даде максимум. Мислите ни се насочени единствено кон пресметката на 2-ри септември, чекор по чекор, подоцна за Албанија, изјави новиот фудбалер на унгарски Ференцварош, Стефан Спировски.

Езџан Алиоски се надева дека гол-формата ќе ја продолжи и во репрезентативниот дрес. Крилниот напаѓач викендов постигна погодок во дресот на англиски Лидс.

-Јасно е дека не очекува тежок натпревар, но ние одиме на три бода. Во овој македонски тим има квалитет, младите фудбалери носат нова енергија и се надевам дека конечно и резултатски ќе поминеме добро. Сакам да постигнам гол, но на крајот тоа е помалку важно, најбитно е да победиме, сеедно кој ќе биде ефикасен, вели Алиоски.





   
   
А репрезентација