Општина Битола и ФФМ ќе го реконструираат стадионот „Под Тумбе кафе“

Објавено на 29 Октомври, 2014 во Вести


Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески и претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски, денеска во општина Битола потпишаа договор за регулирање на меѓусебните односи при изведување на работи, реконструкција на фудбалски стадион и ревитализација на игралиштето во склоп на стадионот, како и поставување на рефлекторско осветлување. Согласно потпишаниот договор, на фудбалскиот стадион „Под Тумбе кафе“ во Битола ќе биде извршена реконструкција на теренот и поставена природна трева, и исто така ќе бидат поставени рефлектори за ноќни фудбалски натпревари.

„Станува збор за проект на УЕФА од програмата „Хет-трик четири“ кој овозможува поставување природна трева на теренот според стандардите на УЕФА. Минатата недела, стручно лице од УЕФА во Битола изврши стручна анализа на теренот и ќе даде насоки за реализацијата на овој инфраструктурен зафат на теренот и поставувањето на рефлекторите, изјави Ѓорѓиоски.

Вредноста на проектот е околу 800.000 евра, средства кои ги обезбеди ФФМ. Општина Битола, ќе го заврши останатиот дел од реконструкцијата на стадионот „Под Тумбе Кафе“, нагласи градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

„Стадионот во Битола за нас е посебна грижа, а добро е тоа што и за ФФМ стана приоритет. Ова е покрупен чекор што го правиме заедно со ФФМ, односно реконструкција на теренот и електрификација на стадионот. Ние имаме и проект за реконструкција и доизградба на стадионот за 12.000 гледачи и очекуваме деновиве заинтересираните фирми за изградба на стадионот да го соопштат нивниот интерес, а потоа ќе распишеме оглас за јавно приватно партнерство“, рече градоначалникот Талески.

Попладнево во спортската сала „Младост“ во Битола, во соработка на општина Битола и ФФМ ќе се одржи хуманитарен фудбалски натпревар и концерт, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели. 




   
   
Актуелности

14.05.2025    Вести

Љуботен го освои трофејот во Купот на Македонија за жени

Фудбалерките на Љуботен третпат во низа го освоија трофејот во Купот на Македонија. Во денешното финале, Љуботен славеше...

Календар
А репрезентација