Официјален тренинг на Македонија до 21 година. Марио Младеновски: Фарски Острови е незгодна селекција, мораме да покажеме голема пожртвуваност и желба за победа

Објавено на 28 Март, 2022 во Вести, До 21 год


Младата репрезентација на Македонија предводена од селекторот Драги Канатларовски ги продолжува подготовките за претстојниот дуел со Фарски Острови во рамките на квалификациската група Х за пласман на Европското првенство 2023 година во Романија и Грузија.

Нашите млади фудбалери денеска на националната арена „Тодор Проески" во Скопје го имаa официјалниот тренинг пред пресметката со Фарски Острови. Јован Манев нема да биде во можност да му помогне на тимот поради суспензија од заработени жолти картони. Бесир Исени заработи црвен картон (два жолти) на дуелот со Србија и нема да може да му се стави на располагање на селекторот Драги Канатларовски.

Еден од нашите најдобри поединци во тековните квалификации, Марио Младеновски немаше право на настап на дуелот со Србија поради суспензијата од жолти картони. Фудбалерот на Македонија Ѓ.П. верува дека нашите фудбалери мора да покажат голема пожртвуваност и желба за победа против незгодната селекција на Фарски Острови.

„Можевме и моравме многу подобро да одиграме на дуелот со Србија. Имаме голем квалитет, но за жал тоа не го покажавме на мечот со силната селекција на Србија. Пропуштивме добра можност за освојување на бодови. Жалам што не бев во можност да им помогнам на моите соиграчи. Мораме да ги насочиме мислите кон следниот дуел со Фарски Острови, се освен победа ќе биде неприфатливо за нас. Поседуваме квалитет и тоа мора да го покажеме утре, на домашен терен и пред домашна публика. Не смееме никако да го потцениме противникот. Покажаа и докажаа дека може да бидат многу незгоден противник, успеаа да откинат бодови на една силна репрезентација на Франција која е апсолутен фаворит во групата и Србија."

Првиот натпревар одигран помеѓу овие две селекции во Класвик, во рамките на третото коло од квалификацискиот циклус заврши нерешено 1:1.





   
   
А репрезентација