Несреќен пораз од Шпанија, промашивме пенал за бод против големиот фаворит

Објавено на 03 Септември, 2020 во Вести, До 21 год


Репрезентацијата на Македонија до 21 година несреќно загуби на Националната арена „Тодор Проески“ од Шпанија со 0:1 во натпревар од 5. коло од квалификациите за Европското првенство.

Големиот фаворит, Шпанија од пенал во 82. минута дојде до водство, Димитар Митровски во 88. минута не искористи најстрога казна за нашата репрезентација.

Нашите надежи одиграа одличен натпревар и беа на прагот да освојат бод против европскиот првак и лидер во групата. Шпанија сега е сигурен лидер со 16 бода, пред Израел со 8 и Македонија со 7 бода.

Дуелот на двете селекции мина во израмнета игра, нашиот селектор Благоја Милевски одлично ја имаше поставено играта и бевме сигурни во одбраната. Во првиот дел немаше ниту еден шут во рамки на голот.

Првиот шут во рамки на голот на натпреварот се случи во 58. минута, кога шутираше Виљар, а Јанков беше на вистинското место.

Едно невнимание донесе гол за Шпанија. Во 81. минута, Серафимов во казнениот простор го сруши бекот Пипа, а одговорноста ја презема Дуро и донесе предност за фаворитот на хартија.

Во 88. минута, голманот Мартинез по една мешаница направи фаул, а судијата досуди пенал за нашиот национален тим. Одговорноста ја презеде Димитар Митровски, но чуварот на мрежата на Шпанија го одбрани пеналот на македонската репрезентација.

МАКЕДОНИЈА - ШПАНИЈА 0:1 (0:0)

Национална Арена “Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: /. Судија: Хоратиу Фесниц (Романија). Стрелци: Дуро (п) 83. (ШПА). Ж. Картони: Здравковски, Антовски, Серафимов, Чурлинов (МАК), Гомез, Виљар, Санмартин, Мартинез, Зубименди (ШПА).

МАКЕДОНИЈА: Јанков, Антовски, Тодоровски, Руфати, Серафимов, Фазлагиќ (62. Ацковски), Гроздановски, Здравковски (85. Даци), Митровски, Чурлинов (85. Јованов), Ристовски (72. Тошевски).

ШПАНИЈА: Мартинез, Пипа, Санмартин, Клементе, Миранда, Зубименди (90. Монкајола), Алења (55. Виљар), Пуџ, Мартин (70. Педри), Поцо (70. Антонин), Гомез (46. Дуро).





   
   
А репрезентација