Милевски: Ослабени сме, но веруваме во себе

Објавено на 19 Март, 2015 во Вести, До 21 год

Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери за гостинскиот натпревар во Цеље против Словенија на 30. март.

Предводникот на младата селекција прати повик до 19 фудбалери. Повиканите фудбалери од домашниот шампионат првиот собир ќе го имаат во Скопје на 26. март, додека поголем дел од играчите кои настапуваат во странство ќе пристигнат во базата на репрезентацијата во Марибор.

Голмани: Шишковски Дамјан (Гент, Белгија), Илиев Дејан (Арсенал, Англија);

Одбрана:  Зајков Ѓоко (Рен, Франција), Ристовски Филип (Металург), Демири Бесир (Шкендија), Тимовски Ангелче (Силекс), Најдовски Леон (Македонија Ѓ.П.), Муслиу Висар (Ренова);

Среден ред:   Николов Бобан (Виторул Констанца, Романија), Денковски Христијан (Гронинген, Холандија), Аврамовски Даниел (Црвена Звезда, Србија), Мустафов Бурхан (Пелистер, Битола), Бабунски Давид (Барселона Б, Шпанија), Чешмеџиев Костадин (Пелистер);

Напад: Нафиу Валмир (Апоел, Кипар), Пивковски Филип (Мартина Франка, Италија), Ангелов Виктор (Металург, Скопје), Асани Јасир (Вардар, Скопје), Сулејманов Тауљан (Јанг Бојс, Швајцарија);

Списокот за натпреварот со Словенија ќе биде дополнет со веројатно уште нови две имиња по завршувањето на 21-от круг од фудбалската лига во Македонија и ќе се заокружи со 20 фудбалери кои ќе бидат во комбинација за контролната пресметка со Словенија.

-За натпреварот со Словенија сериозно сме ослабени поради повикот кои го добија Дарко Велковски, Марјан Радевски и Енис Барди за А репрезентацијата на Македонија за дуелите со Белорусија и Австралија. За нас тоа е хендикеп, но и можност на натпревар да ги увидиме квалитетите на други фудбалери кои во изминатиот период немале доволно минутажа или воопшто не добиле шанса и ова е прилика да се наметнат во тимот многу посериозно. Ја почитувам одлуката на селекторот Ѓуровски да прати повик до младите фудбалери во А репрезентацијата и се надевам дека ќе добијат шанса за настап. Постоеше можност тројцата фудбалери да се приклучат на репрезентацијата до 21. година по натпреварот на А селекцијата со Белорусија, но одлучивме да бидат во функција на А тимот и за натпреварот со Австралија од причина што тоа е шанса за напредок, добивање самодоверба, зрелост и како тренер се радувам на тоа доколку навистина имаат придонес во играта и резултатите на најдобриот репрезентативен состав. Сепак, сериозно сметаме на Велковски, Радевски и Барди за првиот квалификациски натпревар против Исланд на 11. јуни. Што се однесува за Словенија, тие се многу квалитетна репрезентација, 20-ти на УЕФА ранг листата и натпреварот ќе биде вистински тест за нашите можности. Се надевам дека сите сериозно ќе ја сфатиме обврската и ќе се надигруваме за позитивен резултат. Според програмата имаме четири заеднички тренинзи и верувам дека ќе се подготвиме за да се спротивставиме квалитетно на словенечката репрезентација, изјави селекторот на репрезентацијата Благоја Милевски. 




   
   
А репрезентација