Милевски: Македонија има сила и квалитет за нов успех

Објавено на 23 Август, 2016 во Вести, До 21 год


Македонските фудбалски репрезентативци до 21 се пред вистински предизвик во натпреварите кои ни следуваат против Шкотска и Северна Ирска за остварување позитивен резултат и да ги направат реални шанисте за настап на ЕП.

Селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Благоја Милевски по објавувањето на списокот на повикани играчи даде свое видување за очекувањата од првиот натпревар со Шкотска во Единбург на 2. септември.

-Составот за натпреварите кои ни следуваат против Шкотска и Северна Ирска е ист како и на претходните две пресметки против Франција и Украина. Натпреварите се значајни, немаме простор, а ниту време за експериментирање или обука на нови играчи. Овие фудбалери во тековните квалификации играат одлично и ова е еден вид награда за оствареното досега. Знаат каква е атмосферата, што се бара од нив и подготвени се тактичките замисли да ги работат на тренинг и применат на натпревар, вели Милевски.

Предводникот на нашите надежи се соочува со проблеми со повредени фудбалери, а токму поради таа причина во составот не е повикан напаѓачот на унгарски Ујпешт, Виктор Ангелов.

-Се соочуваме со здравствени проблеми, Ангелов стори се што е во негова моќ за да се стави на располагање, но дефинитивно повредата го спречува. Ја следиме ситуацијата со Радески и Амановиќ кои исто така имаат проблем со повреди, но се надеваме дека ќе можат да се стават во функција на тимот. За мене најважно е и по натпреварите кои играчите ги имаат викендов да останат здрави и целосно да се посветат на репрезентативните настапи, изјави Милевски.

Селекторот Милевски очекува тежок натпревар против Шкотска, репрезентација која во своите редови има фудбалери кои настапуваат во реномирани екипи.

-Со Шкотска не очекува тежок меч. Имаат одлични фудбалери кои настапуваат во квлаитетни екипи од англиската Премиер лига (Свонси, Хал), потоа во Премиер лигата на Шкотска (Глазгов Ренџерс, Хартс, Абердин), а тоа е само потврда за нивниот квалитет. Но, ние и досега одлично се носевме со силни репрезентации и верувам дека и овојпат ќе биде така, вели селекторот Благоја Милевски.

Репрезентацијата на Македонија до 21 година е третопласирана со 12 бода и две победи речиси сигурно не носат во баражот, а со малку среќа и на врвот на табелата за директен пласман на ЕП.




   
   
А репрезентација