Македонија триумфално во Хаифа, совладан Израел со 1:0

Објавено на 03 Септември, 2017 во Вести, Вести


Многу значајна победа на репрезентацијата на Македонија против Израел на жешкиот терен во Хаифа. Нашите фудбалери доминираа, создадоа повеќе шанси и на крајот, со голот на Гора Пандев славеа со 1:0. Со освоените три бода Македонија со поголем оптимизам го очекува дуелот со Албанија, во вторник во Струмица. 

Одлично прво полувреме иако без голови во Хаифа. Македонија се покажа како многу подобар противник од домаќинот Израел, првото возбудување во 21. минута кога Алиоски нафрли од слободен удар од десно, а Ристевски постигна се чини регуларен гол, но судијата Есков по мало двоумење покажа офсајд поради неправилната позиција на Несторовски. Домашните се заканија во 27. минута кога Бен Хаим ја искористи грешката на нашите одбранбени играчи, но неговиот удар го одбрани Димитриевски. Во 33. минута за малку автогол на домашните. Повторно слободен удар на Алиоски, овојпат од лево, убаво нафрлена топка, а Цедек со глава пласира крај својот голман Глазер, а топката заврши во дирекот и се одби во поле. Пет минути подоцна Барди и Алиоски одлично комбинираат по лево, а нафрлената топка во идеална позиција Велковски лошо ја зафати. 

Вториот дел почна со нова голема шанса од прекин. Барди идеално нафрли од корнер, но Пандев немаше најдобра позиција за да ја прифати топката како што треба и успеа да шутне само крај голот.

Во 60. минута најдобра шанса на домашните, кога Хемед бие многу опасно, а Димитриевски на чудесен начин одбрани. На одбиената топка налета Захави, но Ристовски ја исфрли во корнер во последен момент. Во 66. минута повторно Захави е во шанса кога бие од полудесно, а Димитриевски е малку несигурен, но сепак ја исфрла во корнер.

Во 74 минута 1:0 за Македонија. Нововлезениот Елиф Елмас доби една топка на триесетина метри од голот и идеално го пронајде Пандев, нашиот капитен рутинирано го надмудри домашен голман за голема радост на нашите фудбалери. 

Многу значајна победа за Македонија во квалификациите за СП во РУсија 2018. 

Стадион: „Сами Офер“ во Хаифа. Гледачи: 11.000 Главен судија: Алексеј Есков од Русија. Стрелци: Пандев (М) 74 м.

Жолт картон: Барди, Елмас (М)

Израел: Глазер, Битон (Келтинс 71), Бен Хаим, Меликсон, Захави, Коен, Бен Хаим II (Ајбиндер 54), Охана (Хемед 45), Цедек, Давиѕада, Каба.

Македонија: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Алиоски, Пандев, Барди (Зајков 89), Ристовски, Велковски, Николов (Елмас 63), Спировски, Несторовски (Радески 86).




   
   
А репрезентација