Македонија против Шпанија во финалето на футсал турнирот

Објавено на 28 Октомври, 2014 во Футсал

Македонската А футсал репрезентација ќе игра во финале против Шпанија на меѓународниот пријателски турнир кој го организира Фудбалската федерација на Македонија во СЦ „Борис Трајковски“.

Нашата селекција во полуфиналето ја победи Финска со 5:4, Шпанија во првиот натпревар славеше убедливо со 11:1 против Турција.

Македонија потешко од очекувањата се радуваше на победа против Финска. Дарко Ранготов погоди на три минути пред крајот на дуелот за конечни 5:4. Финска го отвори резултатот во 10. минута со погодокот на Јуркаинен, откако ние не реализиравме неколку одлични шанси за гол. Во 14. минута Арсовски реализираше по асистенција на Глигоров за израмнување на 1:1, а на почетокот на вториот дел капитенот Зоран Левески погоди за водство од 2:1. Финците резултатски се вратија на егал по само една минута со голот на Хосио, но Ранготов со својот втор погодок повторно ни донесе предност. Резулатски пресврт Финска направи за неколку минути и со погодокот на Аутио обезбедија предност од 4:3. По постигнатиот гол нашата селекција создаде неколку посериозни шанси, а иницијативата даде резултат во 35. минута кога голманот Саволаинен исфрли лошо од своето поле, му ја подари на Глигоров кој постигна гол за израмнување на 4-4. Победничкиот гол за Македонија го постигна Дарко Ранготов во 37. Минута од натпреварот.

Во финалето на пријателскиот турнир нашата селекција ќе игра против Шпанија утре од 21.30 часот, а Финска за третото место ќе се бори со Турција која на првиот полуфинален меч со убедливи 11-1 загуби од „црвената фурија“. Натпреварот за третото место се игра утре од 19.30 часот.





   
   
А репрезентација