Македонија до 21: Пораз од Холандија во второто коло од квалификациите за пласман на ЕП

Објавено на 12 Септември, 2023 во Вести, До 21 год


Македонската фудбалска репрезентација до 21 година загуби со 2:0 од моќната селекција на Холандија, во рамките на второто коло од групата Ц од квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во Словачка 2025 година.

На тренинг центарот „Петар Милошевски", во Скопје, избраниците на селекторот Драги Канатларовски може да жалат за конечниот исход на средбата, со оглед на нашата одлична игра, особено во првото полувреме, кога во целост успеавме да го надиграме фаворитот во нашата група. Противникот успеа со брзи два гола во второто полувреме да го реши прашањето на победникот на денешната средба. Холандија во досегашниот тек на квалификациите има максимален број на освоени бодови. За нашата репрезентација ова е прв пораз во овие квалификации.

Одлична игра на нашите млади фудбалери во првиот дел. Репрезентацијата на Холандија немаше одговор на нашата добро поставена игра. Голема пожртвуваност од нашите фудбалери, проследена со многу трчање и борба за секоја топка. Противникот не успеа ниту еднаш посериозно да се закани по нашиот гол. Пропуштивме неколку добри прилики за гол преку Крстевски и Максимов.

На самиот старт на второто полувреме, Македонија ја имаше најголемата прилика за постигнување на погодок. Иван Николов се снајде одлично во противничкиот шеснаесетник, по додавање од Ване Крстевски, биеше, но гостинскиот голман со извонредна реакција успеа да го сочува својот гол. Во продолжението, Холандија со брзи два гола во периодот од 68 до 72. минута успеа да издвојува победа за нови три бодови и прво место во нашата група.

Македонија: Марко Алчевски, Стефан Деспотовски, Андреј Стојчевски, Решат Рамадани, Методи Максимов, Лука Станковски, Хамза Рамани, Иван Николов, Бехар Фета, Ване Крстевски, Марио Илиевски;

Резерви: Луан Абази, Матеј Ангелов, Михаил Димитриевски, Имран Фетаи, Берат Калкан, Иван Николоски, Марио Ричков, Мартин Талаков, Димитар Тодоровски;

Селектор: Драги Канатларовски;

 



   
   
А репрезентација