Македонија до 21 година одигра 1:1 против Казахстан

Објавено на 15 Октомври, 2019 во Вести, До 21 год


Македонската репрезентација до 21 година одигра 1:1 против Казахстан во натпревар од квалификациите за Европското првенство 2021 година. Нашата селекција имаше водство од 1:0 до 75. минута, пропуштивме многу прилики за зголемување на предноста, а гостите казнија со погодокот во 75. минута. 

Македонија има седум бодови од три натпревари во нашата група во која се Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарски Острови. 

Јани Атанасов уште во 2. минута, по изведениот корнер од Митровски имаше прекрасна прилика за отрворање на резултатот, но неговиот удар од само неколку метри заврши над голот на гостите. Во 10. минута Милан Ристовски ја имаше втората закана кон голот на Казахстан, упати удар со глава, но одбрани Сеисен, голманот на Казахстан. Гостите прв пат се обидоа да го загрозат голот на Јанков во 14. минута, но ударот на Омиртајев го блокираше нашата одбрана.

Во 15. минута, 1:0 за македонската репрезентација. Капитенот Милан Ристовски постигна ефектен гол, неодбранливо шутирајќи кон голот на Казахстан. Само две минути подоцна Чурлинов со „минијатура“ издрибла тројца гостински фудбалери, но за малку не беше прецизен. Во 27. минута одличен удар на Ристовски од дваесетина метри, но внимателен беше Сеисен. Последната прилика за удвојување на предноста нашата селекција ја имаше преку Митровски, фудбалерот на Спортинг си создаде прилика за удар, но одбрани гостинскиот голман.

Првите 15-на минути од второто полувреме не донесоа посебни возбудувања пред двата гола. Во 63. минута во шанса се најде Јани Атанасов, но шутираше крај голот на гостите. 

Во 75. минута, Казахстан израмнува на 1:1. Од првата своја шанса постигнаа погодок преку најопасниот фудбалер Омиртајев. Нафрли Сеидахмет, помалку среќно ја зафати таа топка напаѓачот на гостите, а нашиот Јанков беше немоќен. 

Во 85. минута по центаршут на Ацковски се обиде Крстовски, минута подоцна и Атанасов, но повторно немаше втор гол за Македонија. Нови возбудувања во шеснаесетникот на Казахстан имаше во последните минути од дуелот, целосно притиснавме за втор гол, но не беа прецизни Ацковски и Абаз. 

Тренинг центар „Петар Милошевски“, Скопје

МАКЕДОНИЈА до 21 година - КАЗАХСТАН до 21 година

МАКЕДОНИЈА до 21 година: 1. Ристе ЈАНКОВ, 3. Филип АНТОВСКИ, 4. Тодор ТОДОРОВСКИ, 5. Агрон РУФАТИ; 6. Есмин ЛИЧИНА, 7. Милан РИСТОВСКИ (72` Марио КРСТОВСКИ), 8. Јани АТАНАСОВ, 9. Дарко ЧУРЛИНОВ (72` Кристијан ТРАПАНОВСКИ), 10 Давор ЗДРАВКОВСКИ, 19. Ердон ДАЦИ (60` Кристијан АЦКОВСКИ), 21. Димитар МИТРОВСКИ (60` Емил АБАЗ);





   
   
А репрезентација