Македонија до 21 ги започнува подготовките за дуелите со Гибралтар и Шведска. Стефан Деспотовски: Време е да се вратиме на победничките патеки

Објавено на 18 Март, 2024 во Вести, До 21 год


Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска во 16. часот, на тренинг центарот „Петар Милошевски" ќе го одработи првиот тренинг со кој ќе означи официјален старт на подготовките за двата квалификациски натпревари на домашен терен против селекциите на Гибралтар и Шведска за пласман на Европско првенство 2025 година.

Во првиот меч од мартовскиот циклус, на 21. март ќе се соочиме со репрезентацијата на Гибралтар. Пет дена подоцна на програмата е дуелот против силната Шведска.

Двата квалификациски натпревари ќе ги одиграме пред домашната публика, на националната арена „Тодор Проески".

Стандардниот член на младата репрезентација на Македонија и фудбалер на Работнички, Стефан Деспотовски даде свој коментар за предизвиците што не очекуваат во следниот период.

- Со нетрпение ги очекуваме дуелите со Гибралтар и Шведска.  Играме на домашен терен, што претставува позитивна работа за нас. Сакаме да покажеме дека победата над Шведска во првото коло не беше случајна. Најпрво треба да одиграме меч со Гибралтар. Фокусирани сме максимално на тој меч кој мораме да го добиеме.

- Овие квалификации ги започнавме одлично, со големата победа над Шведска на гостински терен, но се случи пад во нашата игра и забележавме три порази во серија. На некои натпревари среќата воопшто не ни се насмевна. Одигравме добар дуел со фаворитот во групата, Холандија, но на крајот несреќно загубивме. Молдавија од два обиди успеа да постигне два гола. Ги оставаме овие натпревари позади нас, ни претстојат два меча во кои мораме да покажаме голема желба за победа. Треба да покажеме и потрвдиме дека сме силна репрезентација која располага со квалитет. Се надевам дека ќе почнеме да остваруваме позитивни резултати.

- Имаме игра, создаваме шанси, располагаме со цврстина и квалитет, се со што би требало да ја краси една квалитетна репрезентација. Мислам дека треба да бидеме многу поефективни и помудри во завршницата на акците и за да ги реализираме шансите со погодок.

- Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата. За сите нас преставува огромна чест и задоволство да се носи овој дрес. Со нетпрение очекуваме повторно да го облечеме дресот со државен грб и да излеземе пред нашите навивачи. Време е да се вратиме на победничките патеки.

Во досегашниот тек од квалификациите за пласман на Европско првенство, во рамките на групата 7, Македонија има скор од една победа и три порази.






   
   
А репрезентација