Македонија до 19 години - Елези и Тошевски: Бараме победа, но и поддршка против БиХ

Објавено на 12 Ноември, 2019 во Вести, До 19 год


Македонската репрезентација до 19 години утре ги започнува натпреварите од квалификацискиот турнир за пласман во УЕФА Елитна фаза квалификации за пласман на Европско првенство. 

Нашата надежна селекција од 13:00 часот против Босна и Херцеговина на тренинг центарот „Петар Милошевски“ го отвора квалификацискиот турнир. Репрезентативците Агон Елези и Давид Тошевски велат дека со нетрпение го очекуваат почетокот на турнирот и се надеваат на позитивен резултат.

- Навистина ми е чест што сум дел од репрезентацијата, за фудбалери на наша возраст е многу значајно што добиваме шанса да ги покажеме квалитетите и на ова ниво. Нѐ очекува силен турнир со натпревари кои ќе бидат вистински предизвик. Сите во тимот сме позитивни со желба и мотив да направиме добар резултат. Утрешниот натпревар против БиХ е исклучително важен, но ние се подготвуваме добро, долго сме заедно и се надеваме дека ќе се прикажеме во најдобро светло. Ќе ја бараме победата, но и поддршката од љубителите на фудбалот на утрешниот меч, вели Агон Елези.

- Одработивме добри подготовки, сите сме максимално спремни и со нетрпение го очекуваме првиот натпревар. Атмосферата меѓу нас е одлична, се надевам дека тоа ќе го пренесеме и на теренот против Босна и Херцеговина. Ќе биде тежок натпревар, противникот исто така ќе ја бара својата шанса, но со исполнување на задачите од стручниот штаб сметам дека имаме можност и квалитет за добар резултат, изјави Давид Тошевски.

Вториот натпревар од нашата група меѓу Англија и Луксембург се игра исто така од 13:00 часот на стадионот во Ѓорче Петров. 



   
   
А репрезентација