Македонија до 17 години славеше против Кипар на турнирот кој го организираме во Скопје

Објавено на 12 Септември, 2021 во Вести, До 17 год


Македонската репрезентација до 17 години предводена од селекторот Тони Јакимовски успеа да слави победа над Кипар со 2:1 на воведниот натпревар од контролниот турнир во Скопје за фудбалери до 17 години.

На тренинг центарот „Петар Милошевски”, Македонија и Кипар одиграа возбудлив натпревар со отворена игра и многу шанси. Сите три гола беа постигнати во првото полувреме.

Македонија одлично го отвори мечот. Во 8. минута поведе со 1:0, а стрелец на голот беше Марио Стојилевски. Противникот брзо ги консолидираше своите редови и успеа да се врати во игра со погодокот што го постигна Ставрос Харалампус во 26. минута. Нашите фудбалери до крајот на првиот дел успеаа да ја вратат предноста. Зани Назифи постигна убав погодок во 37. минута за ново водство на Македонија.

Во продолжението од мечот се продолжи со офанзивна игра на двете половини.  Двете репрезентаци пропуштија неколку одлични можности за погодок. Одлична прилика да постигне втор гол имаше Зани Назифи во 55. минута, но неговиот удар заврши покрај стативата. Најдобрата прилика за Македонија ја имаше Александар Богдановски во 66. минута од дуелот. Во 76. минута Мартин Ѓорѓиевски изведе одличен слободен удар од 18 метри, но голманот на Кипар одлично интервенираше.

Следниот натпревар избраниците на Тони Јакимовски го играат против Србија на 16. септември во 11:00 часот.

МАКЕДОНИЈА - КИПАР  2:1 (2:1)

Македонија:  1. Давид Стојановиќ, 15. Андреј Аризанковски (74 Симеон Здравсковски), 5. Марио Стојилевски, 6. Даниел Марковски, 16. Давид Саботковски (46` Матеј Јаневски), 10. Мартин Ѓорѓиевски (к) (79` Амир Нухија), 18. Адриан Зенделовски, 17. Никола Манојлов (55` Александар Богдановски), 7. Кире Стојанов (74` Енес Фидани), 11. Мухамед Елмас (55` Азис Јамини), 9. Зани Назифи; Селектор: Тони Јакимовски;





   
   
А репрезентација