Македонија до 14 поразена од Словенија на првата контролна средба во Умаг, Хрватска

Објавено на 10 Мај, 2022 во Вести, До 17 год


Новата млада селекција на Македонија до 14 години денеска го одигра првиот од двата предвидени контролни дуели против соодветната селекција на Словенија.

Натпреварот беше одигран во Умаг, Хрватска, а нашите млади фудбалери беа поразени со убедливи 4:1.

Словенија одлично го отвори натпреварот, преку Жига Крајнц рано уште во 6. минута поведе со 1:0. Првата посериозна шанса Македонија ја имаше во 16. минута, Семиров се најде во одлично ситуација, биеше со глава, меѓутоа неговиот удар беше непрецизен. Во 28. минута нова добра прилика за Македонија, Илази испрати добар удар, но противничкиот голман одлично интервенираше. Две минути подоцна одличен удар на Стоилов со глава, но противничкиот голман и во оваа ситуација одлично се постави и успеа да го скроти ударот на нашиот фудбалер. Најдобрата можност за Македонија во првиот дел ја имаше Илази во 40. минути. Македонија играше одличен фудбал во првото полувреме, создадовме многу прилики за гол, но немавме среќа да погодиме.

Во продолжението од средбата, избраниците на селекторот Раде Каранфиловски одиграа послабо, противникот во 48. минута искористи уште една своја можност и успеа да ја претвори во гол за предност од 2:0. Во 55. минута, Македонија сосема заслужено постигна погодок преку Талески за намалување на предноста. Противникот преку Ник Беловиќ во 61. минута од мечот поведе со 3:1. Во 69. минута Словенија постигна уште еден погодок за конечни 4:1.

Вториот контролен меч овие две селекции ќе го одиграат на 12. мај со почеток во 11. часот.



   
   
А репрезентација