Ѓуровски: Храбро, паметно, дисциплинирано

Објавено на 13 Ноември, 2014 во Вести, Вести

Македонската А репрезентација в сабота од 20.45 часот на Националната арена „Филип Втори“ го игра натпреварот од четвртото коло од квалификациите за Европското првенство во Франција.

Селекторот на нашата репрезентација, Бошко Ѓуровски вели дека ќе се обидеме да го изненадиме лидерот во нашата група.

-Иако натпреварот е многу важен, нашиот пристап треба да биде како и за секоја друга пресметка. Да се обидеме да го наметнеме нашиот стил, да ги повториме добрите работи во офанзивниот дел од натпреварот со Украина, но да постигнеме гол и да одиграме паметно и дисциплинирано во одбраната. Секогаш сум оптимист, и јас и играчите го знаеме квалитетот на Словачка, свесни сме што не чека и ќе се потрудиме да го дадеме најдоброто од себе, противникот е силна екипа, но зошто да не ги изненадиме, вели селекторот Бошко Ѓуровски.

Иако се соочува со проблеми поради отсуството на Агим Ибраими и повредата на Александар Трајковски, нашиот предводник вели дека главната задача е да се одберат играчите кои во моментот ги имаме на располагање.

-Главната задача е да ги избереме вистинските играчи, посебно тоа важи за натпреварите од овој тип каде карактерот на фудбалерот игра важна улога. Ако сакаме да успееме мора да се сложат многу коцки за да ја имаме на крајот сликата која ќе не направи горди, ни треба и среќа. Многу важна е комуникацијата на играчите во одредени линии, јас се надевам дека ќе биде на високо ниво. Бараме брза трансформација и прилагодување на играчите во составот, само на тој начин можеме до посакуваниот позитивен резултат, вели Ѓуровски.




   
   
А репрезентација