Футсал репрезентацијата пишува историја. Победа против Молдавија

Објавено на 13 Декември, 2015 во Вести, Футсал


Футсал репрезентацијата на Македонија забележа голема победа против Молдавија со 5:2, остварувајќи историски успех со пласман во баражот за влез на Светското првенство 2016. Со многу самодоверба по победата над Словачка, избраниците на Васко Скендеровски го издржаа налетот на противникот, ги користеа своите шанси и сосема заслужено стигнаа до историска победа.

Молдавија немаше никакви шанси за евентуална борба за бараж, но противникот сепак не се предаде лесно. Обада и Ласку први се заканија кон голот на Удовалиев уште во првата минута, но репрезентативниот голман беше на ниво на задачата. Свесни што ќе значи победа на денешниот натпревар за македонскиот футсал, Тодоровски, Агуши и Де Соуза започна да диктираат агресивно темпо.

Во неможност да го издржат ритамот на нашите репрезентативци, Молдавците започнаа несвесно да го зголемуваат бројот на фаули, што до крајот излезе во наша корист. Де Соуза изведе слободен удар, но непрецизно. Крстевски ја прими топката и се обиде да ја затресе противничката мрежа, но повторно без успех. Неколку секунди подоцна Петровиќ го постигна првиот гол на средбата. Брзиот ритам продолжи, а Леовски со погодок во 15. минута ја казни грешката на Ласку и Обада.

Само 14. секунди откако селекциите се вратија по полувремето, Глигоров ги разреши дилемите околу победникот, шутираше прецизно за водство на Македонија од 3-0. Притисокот на молдавските играчи пред голот на Удовалиев вроди со плод, Негера беше стрелец за Молдавија во 25. минута. Нервозните Молдавци со чести прекршоци ја прекинуваа играта, а по нивниот петти фаул Мицевски биеше прецизно за 4-1. Нашите репрезентативци до крајот успеаја да постигнат и петти гол преку Де Соуза, а конечните 5-2 ги постави Ласку на 16. секунди до крајот.

За потврда на второто место на Македонија останува само Италија да ја потврди високата класа со триумф на последниот меч против Словачка.




   
   
А репрезентација