Футсал квалификациски турнир: Македонската репрезентација поразена од Словенија во првото коло

Објавено на 24 Октомври, 2019 во Вести, Футсал


Македонската А футсал репрезентација загуби од Словенија во првото коло од турнирот за пласман во Елитна фаза квалификации за место на СП 2020 во Литванија. Во СЦ „Јане Сандански“, нашата селекција загуби со убедливи 6:1 од силната словенечка репрезентација.

Ален Фетиќ во третата минута ја имаше првата шанса за Словенија, но одлично интервенираше нашиот Антонио Петровски. Две минути подоцна, одново Петровски го одбрани шутот на Фетиќ, а во шестата минута се обиде и Фидершек. 

Реџеп Сулејман во седмата минута ја создаде првата шанса за Македонија, но овој пат одлично интервенираше Дамир Пушкар. Сепак, минута подоцна словенечкиот голман беше немоќен во акцијата на нашата селекција која во гол ја претвори Адријан Мицевски. 

Словенија доминираше по првите десет минути, создаваа шанси и упатуваа удари преку Фетиќ, Фидершек и Осредкар, но сите надвор од рамката на голот на Петровски. 

Сепак, во 13. минута, гостинската репрезентација израмнува на 1:1. Со многу среќа, откако топката се одби од грбот на Петровски, Игор Осредкар остана сам пред голот на Македонија и ја смести топката во празната мрежа. Минута подоцна Словенија дојде во водство од 2:1 со погодокот на Ник Зајц. 

Во 16. минута одлична шанса за израмнување не искористи Иван Крстевски, а последната прилика за израмнување во првото полувреме ја пропуштивме во 19. минута по ударот на капитенот Левески. 

Словенија во првата минута од продолжението зголеми на 3:1. Кристијан Чујец погоди во мрежата на Петровски. Александар Глигоров се обиде да намали, но и неговиот удар заврши крај голот на Словенија. 

Гостинската репрезентација во 23. минута зголеми на 4:1 со погодокот на Фидершек. Шанса за намалување на предноста пропуштивме преку Мицевски и Агуши во 30. минута. Жига Чех од слободен удар зголеми на 5:1 во 31. минута, а истиот фудбалер повторно од казнет удар донесе и 6:1 за Словенија во 34. минута. 

На првиот натпревар од нашата група, Украина ја оправда фаворитската улога совладувајќи ја репрезентацијата на Косово со 7:1. 

Утре, во натпреварите од второто коло, македонската репрезентација од 17:30 часот се соочува со Косово. Словенија и Украина играат од 20:00 часот во СЦ „Јане Сандански“. 



   
   
А репрезентација