Еузебио, Еду, Џаиќ, Шекулрац...го запалија Штип

Објавено на 28 Декември, 2014 во Фудбалски Асови

Пред триесетина години љубителите на фудбалот во Штип имаа можност да ги видат познатите имиња на светскиот фудбал на простувањето на Шекуларац од активно играње...

Штипјани се уште раскажуваат за незаборавниот 20. септември 1978 година кој стана дел од историјата на штипскиот фудбал и нивната сакана Брегалница. Денот кога се дружеа со плејада познати фудбалски асови од тоа време како дел од еден ретко виден спектакл на кој присуствуваа повеќе од 12.000 гледачи.

Како дојде до овој натпревар? Како во Штип се најдоа толку познати фудбалски имиња во еден за нив непознат град во Македонија? Целиот настан го организираше Драгослав Шекуларац. Негова беше желбата последниот допир со фудбалската топка како активен фудбалер да го направи во градот каде е роден. Голема чест и задоволство беше за градот Штип да го организира последниот натпревар во кариерата на легендарниот Шеки. Противник на Брегалница (тогашниот член на втората Југословенска лига) беше екипата на Њујорк Иглс која настапуваше во професионалната лига на С.Америка. Истата лига каде што играше и славниот Космос.

Многумина кога ќе ја прочитаат оваа сторија за историјата на фудбалот во Македонија, најверојатно сомнително ќе нишаат со главите и ќе се запрашаат дали е можно на Градскиот стадион во Штип да игра и „црниот пантер“ од Мозамбик, Еузебио. Еден од најдобрите во богатата историја на португалскиот фудбал и Бенфика од Лисабон, Рилдо и Еду –виртуозите од Бразил кои во свое време играа заедно со Пеле, Карлос, Алберто, Тостао, Жерсон, Гилмар во екипата на трикратниот светски првак. Во оваа прилика покрај овие споменати имиња гостинската екипа на Њујорк беше засилена уште со неколку фудбалски уметници како Никица Клинчарски, Молина (Парагвај), Тешан (Сараево), Харви (Англија), Митеу (Перу), Тејлор (Англија)...На голот на оваа екипа беше Раде Залад (голманот на Партизан). Победи Њујорк Иглс 4:2 (4:0) со трите гола на Сантрач во 13, 35 и 38 и на Харви во 22 минута. Станковски во 60 и Јакимовски во 73. ги постигнаа головите за Бргалница. Натпреварот го судеше штипскиот судија Петраклиев.

Брегалница настапи во состав:

Димовски, Иванов, Штериев, Костов, Арсов, Цеков, Здравков (Станоевски), Икономов, Алексовски, Илиев, Цекиќ (Јакимовски).

Њујорк Иглс: Залад, Тешан, Молина (Парагвај), Харви (Англија), Рилдо (Бразил), Клинчарски, Еузебио (Бенфика), Еду (Бразил), Сантрач, Шекуларац, Џаиќ. Играа уште: Тејлор (Англија) и Митеу (Перу).

Присутните гледачи се уште раскажуваат за дриблинзите и виртуозноста на Шеки, за трите гола на Слободан Сантрач (најдобриот стрелец на Ју-фудбалот на сите времиња), за Драган Џаиќ. Штип тој 20. Септември беше фудбалски свет во мало. Сите што дојдоа на Градскиот стадион не зажалија бидејќи имаа што да видат, трибините беа преполни, игла немаше каде да падне што се вели. Два дена за дружење со Еузебио, Еду, Џаиќ, Шекуларац и другите што престојуваа во Штип беа празник не само на фудбалот туку и на целиот град. Сите сакаа да ги видат познатите фудбалери, да се фотографираат со нив, да ги угостат. Во Штип како специјални гости допатуваа Миљан Миљаниќ, Владимир Беара, Душан Савиќ, Гојко Зец...

Интересна е сторијата за првата ѕвезда на овој фудбалски спектакл, Еузебио кој на само пет години останал без родители. Речиси сам морал да се снаоѓа како би им помогнал на многубројните браќа и сестри. Како и повеќето деца од Мозамбик играл фудбал по улиците. Познатиот португалски фудбалер Хиларио го забележал неговиот талент и го довел во локалната екипа на Спортинг Лоренцо. На својот прв натпревар, 17-годишниот Еузебио постигнал три гола. Весниците во оваа држава почнале да пишуваат за големиот талент. Кога слушнале претставниците на Бенфика и го виделе на еден натпревар веднаш му понудиле ангажман. Добил фантастична понуда од 250.000 ескудоси месечно (во Мозамбик заработувал 50 ескудоси), платен стан во Лисабон и неограничен број авионски билети на релација Португалија – Мозамбик за членовите на семејството. Преку ноќ Еузебио се најде во португалската престолнина. Дебитираше на натпреварот со Порто (4:2) постигнувајќи три гола како најава на блескавата кариера. Доби португалско државјанство. Сите успеси на Бенфика и португалскиот фудбал од тоа време се врзани за неговото име. Имаше проблеми со повредите, бидејќи противничките играчи не го штедеа. Беше и остана заштитниот знак не само на Бенфика туку и на португалскиот фудбал. Еден од актерите на тој меч, Никола Штериев, поранешен играч на Пелистер и Вардар се сеќава на спектаклот:

-Во првото полувреме ни ја сокрија топката, на брзина ни дадоа четири гола. Во второто полувреме повеќе играа за гледачите отколку што размислуваа за нашата мрежа. Дури и ние играчите застанувавме да ги гледаме нивните мајстории со топката.

Миодраг Мицковиќ 




   
   
Актуелности

16.04.2024    Вести

ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Александар Чеферин

На регионален состанок во Тирана, асоцијациите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици. Безусл...

Календар
А репрезентација