Благоја Милевски официјално претставен како селектор на македонската репрезентација до 21 година

Објавено на 02 Април, 2019 во Вести, До 21 год


На прес - конференција во „Куќа на фудбалот“ Благоја Милевски официјално беше промовиран како селектор на македонската репрезентација до 21 година. По нецела година Благоја Милевски повторно ќе ја предводи нашата млада селекција до 21 година. Под негово водство го остваривме историскиот успех со пласманот на Европското првенство во Полска 2017. година. Договорот на Милевски со репрезентацијата до 21 година е за следните две години.

-Се надеваме дека со Боби ќе го повториме успехот. Свесни сме дека ќе биде многу тешко, меѓутоа со враќањето на Милевски се враќа и надежта кај сите нас. Апсолутно е тешко да се вети пласман на Европско првенство кога во вашата група е Шпанија, но познавајќи ја професионалноста и карактерот на Милевски, веруваме дека ќе се бориме за висок пласман во квалификациската група. Уште повеќе, што на следното Европско првенство ќе учестуваат 16 репрезентации, изјави Зоран Стратев, техничкиот директор на млади национални селекции при претставувањето на Милевски.

Благоја Милевски истакна дека му е чест и задоволство што повторно се враќа на кормилото на младата селекција, истакнувајќи дека целта е пласман на Европското првенство, но без притисок на фудбалерите дека мора да обезбедат место меѓу 16 најдобри на стариот континент. Македонија во септември ги отвора квалификациите за ЕП 2021 во група со Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Фарски острови.

-Ми претставува чест и задоволство што ФФМ изрази желба да соработуваме повторно. Се надевам дека ќе имаме успешна соработка во иднина. Се наоѓаме пред предизвик, Имаме тешка група во која Шпанија е фаворит, но група во која ќе се надигруваме со сите ривали. Професионалноста пред се ќе ја одликува оваа селекција, тие што ќе се прилагодат на тој начин ќе бидат дел од тимот. Имавме селективен камп во Анталија, одигравме три меча и сите добија подеднакво шанса. Задоволен сум од тоа што го видов, без оглед на резултатите, задоволен сум како игравме, истакна Милевски.

-Целта е пласман на Европско првенство. Тоа не значи дека на фудбалерите ќе им наметнеме притисок дека мора да се пласираат на ЕП. Ние не сме Шпанија, Бразил или Германија. Мора да направиме сѐ ако ни се укаже шанса. Комплексот од пониска вредност е зад нас, а тоа е поткрепено и кога ќе ја видам А-селекцијата во која шест играчи се првотимци од оваа селекција и уште тројца се меѓу 18 во составот, вели Милевски.

-Разочаран сум што некои странци добиваат повеќе шанса во домашните екипи, а не се ништо подобри од нашите млади фудбалери. Не ги цениме доволно потенцијалите на нашите млади фудбалери. Затоа ќе дадам предлог на ФФМ - да се модифицира правилото за настап на фудбалер до 21 година. Тој млад играч мора да игра минимум 45 минути, а не како сега, да се менува голман уште од првата минута“,истакна селекторот на македонската репрезентација до 21 година.




   
   
Актуелности

27.03.2024    А репрезентација - Вести

„Анталија Куп 2024

Младата репрезентација на Македонија до 18 години одигра нов добар натпревар и ја забележа втората победа во рамките на ...

Календар
А репрезентација