Благоја Милевски: Индивидуалните можности да ги ставиме во функција на тактичките замисли

Објавено на 21 Октомври, 2022 во Вести, Вести


Македонската селекција ги продолжува подготовките за утрешниот натпревар против Саудиска Арабија во Абу Даби. 

Селекторот Благоја Милевски вели дека ваков тип на натпревари се добра можност фудбалерите да потврдат дека индивидуалните квалитети можат да ги пренесат во функција на тактичките замисли за натпреварот. 

- Нашата цел за овој натпревар е на терен, против силен противник, да го видиме квалитетот и потенцијалот на фудбалерите. Се разбира дека ќе бидеме задоволни доколку можеме да сметаме на нив и во иднина. Тоа е всушност, основната намера на стручниот штаб. Доколку фудбалерите потврдат дека индивидуалните квалитети можат да ги пренесат во функција на тактичките замисли за натпреварот, тогаш ќе знаеме дека сме на добар пат, вели Милевски. 

Натпреварот е од затворен тип, со можност за настап на сите повикани фудбалери. Нашиот селектор вели дека веројатно шанса ќе добијат сите повикани. 

- Ја анализиравме селекцијата на Саудиска Арабија, иако со оглед на тоа дека мечот е од затворен тип, или тренинг натпревар, ќе има многу промени и шанса ќе добијат веројатно сите фудбалери. Акцентот го ставаме на нашата игра и можноста да ги исполниме тактичките замисли. Работиме добро на подготовките и утре треба сите да се увериме дека можеме да ја постигнеме целта. Против репрезентација која е учесник на Светското првенство мораме да бидеме и компактни и агресивни, но и трпеливо да ја бараме својата шанса, изјави Милевски.

Натпреварот се игра во 16:30 часот. 



   
   
А репрезентација