Ангеловски: Убеден сум дека дуелот со Словенија ќе биде наше најдобро издание

Објавено на 03 Октомври, 2019 во Вести, Вести


Игор Ангеловски го соопшти списокот на фудбалери за квалификациските дуели против Словенија и Полска, за кои вели дека се најважни за нашиот национален тим во циклусот за пласман на ЕП 2020.

Селекторот на македонската А репрезентација е убеден дека дуелот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание. 

- Списокот речиси во целост е истиот што беше на претходните натпревари. Дарко Велковски отпадна поради повреда, а ги чекаме последните медицински наоди за Енис Барди за да знаеме дали може да биде на располагање. Во националниот тим се враќаат Ристовски и Тошевски, а Бејтулаи нема да го имаме со Словенија поради три жолти картони. Убеден сум дека дуелот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание, затоа што за нас ова е многу важен натпревар, но истовремено и дуел во кој ќе уживаме. Самите се донесовме во ситуација да се надеваме на висок пласман во групата и ќе направиме сѐ за да го постигнеме тоа, изјави Ангеловски.

- Може да победиме само ако сме како тим и ако играме како што знаеме. Словенија сите мечеви ги одигра речиси со истите фудбалери. Истото практикуваме и ние. Менуваме само кога имаме повредени. Имаме неколку системи на игра кои во изминатите години ги користевме на натпреварите. Словенија е тим што има голман како Облак, лидер како Иличиќ, но очекувам една рамноправна битка, а сепак борба на секој дел од теренот. Јас верувам во овие фудбалери, додаде селекторот.

Натпреварот меѓу Македонија и Словенија се игра на 10. октомври на Националната арена „Тодор Проески“. Собирот е на 7. октомври во „Гранд Плаза“, а првиот тренинг е од 18:00 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“. 




   
   
Актуелности

16.04.2024    Вести

ФФМ и федерациите од регионот со безусловна поддршка за Александар Чеферин

На регионален состанок во Тирана, асоцијациите од Југоисточна Европа дискутираа за различни прашања и предизвици. Безусл...

Календар
А репрезентација