А репрезентација: 16 годишниот Дарко Чурлинов повикан во најдобриот состав на Македонија

Објавено на 26 Март, 2017 во Вести, Вести


По триумфот во Вадуц против Лихтенштајн од 3:0 во натпревар од 5. коло од квалификациите за СП 2018 во Русија, А репрезентација на Македонија ги продолжува подготовките за контролниот натпревар против Белорусија на 28. март (вторник) во 18:00 часот на Националната арена во Скопје.

Селекторот на нашата најдобра репрезентација Игор Ангеловски за пресметката против Белорусија во составот на Македонија го повика Дарко Чурлинов. Доколку добие шанса за настап против Белорусија фудбалерот на германски Келн ќе стане најмладиот репрезентативец со 16 години и осум месеци.

Против Белорусија во комбинација за настап ќе биде и Езџан Алиоски кој поради жолти картони немаше право на настап на натпреварот против Лихтенштајн.

По настапот за сениорската репрезентација во Вадуц, на репрезентативниот тим до 21 година се приклучуваат и шестте фудбалери кои беа на располагање на Игор Ангеловски, голманот Игор Алексовски, Дарко Велковски, Бобан Николов, Давид Бабунски, Никола Ѓорѓев и Марјан Радески.

Македонската репрезентација денеска ќе тренира на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во 17:00 часот.




   
   
А репрезентација