ВЕРУВАМ ВО НАШАТА ВОЉА ЗА УСПЕХ
Како најважна споредна работа на земјиниот глобус, фудбалот, игра на милиони, ужива огромно внимание. Убеден сум дека како најпопуларен спорт, тоа внимание го има и во нашата Земја. Во оваа прилика кога славиме 10 години од приемот на ФФМ, (тогаш ФСМ) во ФИФА и УЕФА, нема дилеми, Македонија е важен член на светското фудбалско семејство.
Осамостојувањето на нашата држава н& овозможи за првпат да оформиме национална селекција и рамноправно да учествуваме во квалификациските циклуси за европските и светските шампионати. Во дуелите со силните светски репрезентации да се истакне македонското знаме и да се слушне македонската химна...
Со други зборови, фудбалот, преку репрезентативните настапи, стана голем амбасадор на Македонија во обидите за што поуспешен пробив на меѓународната сцена на нашата мала и за првпат независна држава.
Времето ќе покаже колку успешно ја продолживме долгата традиција на овие простори и дали во овие 10 години независен фудбал во Македонија & ја овозможивме на "буба-марата" вистинската подлога за развој и експанзија.
Верувам во нашата воља за успех, преку брзо и квалитетно престројување според Лиценцниот систем и Статутот на УЕФА. Особено се радувам што поголем дел од клубовите навреме го сфатија тоа и веќе ги преземаа првите чекори за лиценцирање.
Ние како фудбалска федерација ги организиравме сите сили и заедно со огромната помош што ја добиваме од ФИФА и УЕФА се обидуваме да ги обезбедиме сите потребни услови за непречен настап на клубовите на европската фудбалска сцена.
Првата значајна инвестиција беше доуредувањето на Градскиот стадион во Скопје. Следниот чекор е преку проекти да ги доуредиме стадионите во Струмица, Куманово, Прилеп, Тетово и на Чаир во Скопје. Веќе се издадени и првите про-лиценци за тренери, а во периодот што следува посебно внимание ќе обрнеме на подобрата едукација и поставеност на судиската организација. Еден од нашите главни приоритети е обезбедувањето на што поголем број терени за работа со младите категории, но и усовршување на стручен кадар за поквалитетен тренажен процес.
Наша посебна грижа се фудбалските селекции. Оваа година "А" репрезентацијата на Македонија ќе го одигра 100-тиот меѓународен натпревар, а веќе неколку наши репрезентативци влегоа во "клубот 50", што значи дека и во тој поглед негуваме посебна традиција. Секој добар резултат во дуелот со фудбалските велесили, како Англија, потоа Р. Ирска, Данска, Белгија, Чешка, Хрватска и т.н. силно одекнува во фудбалска Европа и има непроценлива вредност за нашата афирмација на меѓународен план.
Хари Хаџи-Ристески
претседател на ФФМ
Мак фудбалот може повеќе
Фудбалот како и секаде во светот и во Македонија е спорт број еден и затоа заслужува посебно внимание како сегмент од нашето живеење во кој се вкорпорирани многу луѓе од кои многумина од нив и остваруваат своја егзистенција. Токму тоа беше и причината сто се нафатив да ја извршувам оваа тешка и одговорна функција. Верувам дека македонскиот фудбал може и заслужува повеќе. Раководството на федерацијата на цело со претседателот Хари Хаџи-Ристески остварува бројни активности за унапредување на најпопуларниот спорт кај нас и верувам дека оперативец со искуство како моето може многу да помогне.
Потребни се заеднички , добро координирани активности на сите полиња но и со огромна помош од сите поединци било да се фудбалери, раководства на клубовите, селектори, новинари и т.н. за да македонскиот фудбал добие на квалитет, а потоа се разбира последично и на полето на резултатите.
Никола Костов
генерален секретар на ФФМ
ФУДБАЛОТ ГИ ЗБЛИЖУВА ЛУЃЕТО
Фудбалот во Македонија е еднакво популарен и присутен кај сите граѓани, без оглед на националната и верската припадност. Оваа игра на најдобар можен начин ги зближува луѓето, раѓа пријателства, соработка, но и афирмира. Денес можеме да констатираме дека во изминатите 10 години, а и претходно, фудбалот остана само игра и се играше без прекин, дури и во најтешките моменти за Македонија.
Најважна задача на Фудбалската федерација е да ги развива сите фудбалски региони подеднакво. Македонија покажа и допрва ќе се докаже како расадник на таленти. Затоа нашиот следен чекор е да работиме на афирмација на нашите фудбалери и екипи кои ќе помогнат националниот тим да постигнува се подобри резултати.
Ако сите заеднички помогнеме за подобрување на условите за работа, инфраструктурата, едукацијата, тогаш во наредните години со задоволство ќе ги доживееме посакуваните резултати.
Реџеп Беџети
потпретседател на ФФМ
Зоран Николовски
портпарол на ФФМ  |